Archive

Archive for the ‘Претприемништво’ Category

Креативен бизнис состанок – 120 минутен пат за креативност и иновации

Минатиот месец, еден мој многу добар пријател, кој работи за средно голема ИТ компанија (200 вработени), ми напиша порака:

– “Овие тотално го изгубиле патот и немаат појма што прават”.
Пријателот, мислеше на  неговите шефови и начинот на кој што истите го воделе последниот менаџерски состанок во компанијата.
Ја чуствував фрустрацијата во неговиот коментар, бев љубопитен и сакав да знам повеќе, па го прашав – “Што се случи?”.

– Ги викнаа сите менаџери на состанок. Траеше 4 часа,  а газдите зборуваа 80% од времето. Сега знам помалку од пред да почне состанокот…ми одговори.

Се насмеав, но не на фрустрација на мојот пријател  или на неговите менаџери, кои очигледно го губат своето и продуктивното времето на своите вработени, но на сопствената меморија на изгобено време и непродуктивно состаночење кое сум го доживеал многу пати.
Сум бил на непродуктивни состаноци, на кои што агендата е подолга од листата за свадбен шопинг. Каде што монолозите на газдите/менаџри доминира како да им предаваат на збунети првооделенчиња, каде што останатите присутни се толку оддалечени и незаинтересирани, како да се работи за нешта неважни за нив.
Овие средби се често толку непродуктивни што луѓето најчесто се чувствуваат повеќе збунет откако состанокот завршил, одошто пред истиот да започне.

“Монолог ја убива креативноста и иновацијата од самиот почеток”
од книгата Дијамант Лидерство

Слушајки го пријателот, се прашував колку време, креативност, продуктивноста и профит се губи на вакви состаноци, во компаните кои имаат култури каде што просторот е доминиран од страна на еден или неколку “кои знаат сè” ?.

Мојот пријател беше на 4 часовен состанок со 15 колеги-менаџери. Тоа се 60 непродуктивни менаџерски часови поминати во монолог, конфузија и фрустрација, нула ко-креација, ниска енергија…. !!!
Ако во неговата компанија секој месец има само по една ваква средба, тоа значи дека 720 менаџерски часа се “фрлени во магла”. Е сега замислете ако организацијата е со големина на Македонски Шуми или ЕЛЕМ или било кој државен гигант…со илјадници вработени… милиони потрошени часови.

За среќа постои подобар начин.

Кога со моите колеги започнав да дизајнирам интервенции за ослободување на креативноста, иновативноста и продуктивноста кај луѓето и во компаниите, нашата најкратка форма беше (и сеуште е) 120 минутна кореографија. Мојата книга Дијамантско Лидерство е исто така посветена на новите лидерски модели како што се U процесот, генеративниот или кретивен дијалог и праксите на присуство.

Ќе споделам што правиме ние во оние 120 мин и како ги водиме нашите клиенти кон иновативните решенија?
Секој претприемач и/или лидер со мала почетна поддршка од нас, може да ја користи истата кореографија за да ги замени непродуктивни состаноци во моменти на креативност, иновативност и вклученост на сите присутни на состанокот?

latest-blog

Овој блог и сликата погоре, се дадени за вие буквално да може да експериментирате и да го примените истово во вашата пракса и да видите како тоа функционира за вас и вашата организација и кои се резултатите.

1) Градење на Контејнерот или време за подготовка (види го мојот блог конкретно за оваа точка кој наскоро ќе биде преведен и на Македонски).
Ова е исклучително значајна фаза, каде што треба да се идентификува клучното прашање/а што ќе го вози вашиот тим низ “U” процесот.  Јас Ви предлагам за почеток да изберете по едно прашање за вашиот состанок.
Во оваа фаза, едно нешто што додава најмногу вредност е 10 минутна пракса на присуство која ќе ги опушти и вкорени присутните на состанокот од самиот почеток на средбата.
Ви препорачуваме да го правите ова во совршен круг и по можност без никакви состаночни маси или големи предмети помеѓу вас.
Од суштинско значење за лидерите во оваа фаза е да научат како да го “држат просторот” без да доминираат со своите монолози, осудувања, критики и страв, со што луѓето ќе започнат ем да му веруваат на лидерот, ем на себе и на процесот.

2) Лична истрага во контекст на прашањето. Поделете ја големата група во парови или тројки. Секој присутен треба да го одговара и разгледува на лично ниво клучното прашање во период од 5-7 мин. Сведоците се само тивки слушатели, кои не коментират за она што го слушаат од говорникот. Нивната единствена обврска е постојано да ви го поставуваат истото прашање.
Така, на пример, ако клучното прашање е – Како ја подобруваме комуникацијата во тимот? единствената улога на сведокот е во континуитет да ви го поставува истото прашање се додека не завршите со вашето време од 5-7 мин. Понекогаш се случува едоставно да немате моментален одговор на прашањето. Во таков случај само одговарате “немам одговор – прашај ме повторно” и така продолжувате понатаму. Да не се знае одговорот е мошне корисно за овој процес.

3) Запишување или (Journaling). Откако сите ќе го завршат својот дел од одговорањето, земете пенкало и хартија и во тишина, започнете да пишувате што е можно побрзо и без никаква цензура, сите работи кои ви се појавуваат во мигот како реакција на она што влијаело на вас за време на вашето лично одговарање, но и додека сте биле слушател – сведок. Бележете ги вашите мисли, чуства, идеи, имиџи, интуиција и се она што ве афектира во однос на клучното прашање.

4) Групна истрага. Откако ќе завршите со запишувањето, продолжете со истрагата на истото прашање, но овојпат заедно во мали групи од 3-4ца. Дајте си период од 10ина минути во кој ќе ги споделите уште подлабоко со вашите партнери искуствата што сте ги имале. Секој мора да биде вклучен и да допринесе – во оваквите процеси нема место за набљудување.

Првите 4 чекори се она што Ото Scharmer го нарекува левата страна на “U” процесот или “co-sensing” – заедничко чуствување. Некои други го викаат овој дел сеење. Вие може да го крстите како сакате, но во суштина во левата страна на “U-то” едноставно ја загревате вашата тимска – колективна интелегенција за делот на заедничко мислење (thinking together) кој следуваова.

5) Присуство или Presencing – “забавете со цел да забрзате”

Донесете ги сите учесници во групниот круг, сега сите повторно заедно. Застанете со секаква активност и останете во апсолутна тишина дисциплинирано 3 мин. Единствената активност во оваа фаза е да ја набљудувате енергијата и каде најприродно и без напор ве движи. Станете свесни за мислите, идеите, сликите и чувства кои се појавуват како доминантни во вас.

6) Генеративен дијалог
По молкот, отворете го просторот за слободна размена “ко-креативен дијалог”, каде што членовите на тимот започнуваат да ги споделуваат највредните увиди од претходните чекори. Секој треба да биде вклуен и да даде свој допринос.
Овде ја користиме заедничката енергија на креативната тензија која се појавува како резултат на нашите различности со цел да го пробиеме старото знаење во ново, иновативно учење и постоење на нашиот тим.
Посебно обрнете внимание на работите кои се повторуваат (патерни) кај неколку различни луѓе. На информациите кои му даваат енергија на вашиот тим, што ве исполнува, смее и има лесно чуство (без триење). Препознајте го ова и вклучете се во природниот тек (flow).  Ова е зоната на креација-иновација.
Внимание: Ова не е време за реплики и аргументација, тие траба вешто да се препознаваат и да се стопираат, бидејки истите само ќе го колабираат процесот и тимот ќе се врати во старата зона на непродуктивно мислење и постоење.

7) Прототип – (бербата или преземање акција). Кога ќе ја почувствувате оваа природна енергија која го зајакнува тимот, идентификувајте ги оние идеи и активности кои и понатаму ќе ја произведуваат истата. Во оваа фаза започнете да размислувате за конкретна стратегија и активности кои како тим ќе ги превземете во контекст на првичното прашање. Прототипирајте и тестирајте ги веднаш најинтересните од нив. Видете кои се резултатите и учењето од истите.

Тоа е тоа, ова функционира на големо. Обидете се и практикувајте.
Споделете ги со мене вашите резултати подоле.


Темите во овој блог детално се истражувани и опишани во книгата Дијамантско Лидерство

Книгата може да ја добиете со КАРГО ЕКСПРЕС на било која адреса во Македонија по цена од 500 ДЕН.
Испратете текст на 070 991320 со порака “сакам копија од книгата” заедно со вашата адреса на живеење.
Книгата ќе ви биде доставена на рака.

КАКО СТРАВОТ ГО УБИВА ПРОФИТОТ?

Овој текст има намера да ве испровоцира, да ве замисли и да ве извади од сигурната но досадна зона на комфортот, бидејки само така се расте поголем од она што си.

“Бабите и дедовците се најголемите непријатели на профитот во Македонија”.

Горната, помаку сатирична и статистички непотврдена теза треба да ве замисли околу тоа колку таа е психолошки вистинита.

Профит-чо, е 2 годишно дете од Македонија. Мајка му работи во јавната администрација а татко му на патарината во Велес. Додека неговите родители се на работа него го чуваат баба и дедо.

Како многу деца низ Македонија, Профит-чо е сакан и негуван од неговите родители,  баби и дедовци.  АРНО АМА…

…ако излезете во парк, на кеј или на шеталиште и за момент се задлабочите во тоа како родителите, бабите и дедовците внимаваат на малишаните како Профит-чо многу брзо ќе дојдете до заклучок дека најкористените зборови кои им се упауваат на децата низ Македонија во време кога се најразиграни и полни со енергија се:  пази (пази сине, пази чедо), немој таму, немој така, не ова и не она.

Замислете се сега, како изгледа животот на Профит-чо, кој преку 100 пати на ден го слуша префиксот НЕ или зборчето ПАЗИ, НЕМОЈ, НЕМА, НЕ Така итн.
Овој моќен програмирачки механизам за првпат кај кучињата го набљудувал Рускиот научник Павлов, по кој и го носи името – Павлов рефлекс. Истиот е подеднакво моќен и кај нас луѓето.
Во Македонскиот контекст, оваа динамика ја убива највиталната, најкреативната и нејиновативната  енергија кај децата и подоцна идните граѓани на Македонија.

Со текот на времето, Профит-чо станува уплашен, згрчен и внимателен на се и сешто што прави. Неговата креативност и витална животна енергија полека се загушуваат и кристализират под влијанието на добронамерните НЕ, НЕМОЈ, ПАЗИ…
Улогата на баба и дедо, мама и тато (додека не се на работа) ја превземаат учителката, професорот и подоцна неговиот менаџер ….итн.  Овие подоцнежните наместо да го учат креативно и аналитично да размислува му солат памет што е најдобро за него и не му поставуваат прашања и предизвици кои ќе го натераат да размислува и да креира одново.

Профит-чо е блед, погледот му е отапен, тој е изморен и на 28 години пуштил стомак. Работи во претрупаната  јавна администрација каде што секојдневно ја чувствува онаа добро позната сигурност и отапеност, како  кога баба и дедо го шетаа низ паркот и кога не му дозволија (од многу грижа и љубов) да се истрча кон убавите гуски и да ги искине новите панталони низ грмушките.  Заштедата од неговата сигурна административна плата ја става во банка за НЕ дај боже.  Го слуша неговиот менаџер и му верува во се што ќе каже, не затоа што менаџерот знае подобро, туки бидејки така е најсигурно (така му викаа и баба и дедо, мама и тато во паркот…).
Навечер на телевизија го гледа министерот или премиерот како во својот досаден министерски монолог кажува се што е најдобро за Профит-чо и неговото семејство и без да се осмели и да размислува клима со главата.
Неговиот живот минува во сонот „ШТО МОЖАМ ДА БИДАМ И СТАНАМ АКО СЕ ОСМЕЛАМ„…

Кога комшијата му вели да отвори свој бизнис, профит-чо секогаш му одговара, – абе државно си е сигурно. Јавната администрација брои над 110 000 деца како Профит-чо.

Метафората за Профит-чо сакале да ја признаеме или не е дел од Македонскиот фолклор во кој имаме 2 избора.

1) Да продолжиме да живееме како Профит-чо без креативен импулс и исплашени од можноста да се фрлиме во непознатото и од таму да излеземe покреативни и помоќни.

2) да станеме љубопитни околу тоа како животот ќе ни изгледа ако излеземе од зоната на знаење и комфорт, да се предизвикаме себе си и останатите во тоа како нашата реалност изгледа и да креираме нешто ново, уникатно и воодушевувачко.

Нашите баби, дедовци, учители и лидери треба да научат дека сигурноста не се создава со зборовите пази и НЕ. Потребни се услови во кои креативноста ќе биде поддржана, наградена и славена и тоа на големо.

Баба и дедо, мама и тато треба да создадаваат сигурен простор и услови во кои децата ќе ја знаат границата и црвената линија, но во исто време ќе ја експресионираат сета своја љубопитност, креативност и енергичност. Грешката и падот треба да се третираат како корисни скали кон успехот кој е недостижен само ако престанеме да се обидуваме.

Учителите, менаџерите и политичарите повеќе да прашуваат одошто да знаат се’, впрочем само така Профит-чо ќе почне да размислува со својата глава и повторно да креира, да излезе од јавната администрација и својата заштеда да ја вложи во новата иновација на пазарот.

МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ИМААТ НАД 2.2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗАШТЕДИ ВО МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ. ЗА НИВ ДОБИВААТ МИНИМАЛНИ КАМАТИ КОИ НАЈЧЕСТО СЕ ПОНИШТЕНИ ОД ГОДИШНАТА ИНФЛАЦИЈА.
БРОЈКАТА ПАРИ КОИ МАКЕДОНЦИТЕ ГИ ЧУВААТ ВО ПЕРНИЦИ НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ ПОЗНАТ?

Замислето што се може да се креира, и поддржи со овие средства?

Странските инвестиции во Македонија во ниту една година од постоењето на државата се немаат доближено до границата од 1 милијарда евра.

Каков лидершип ни е потребен за да го ослободиме креативниот потенцијал и да го разбудиме претприемачкиот дух на Македонските граѓани и да ги претвориме заштедите во банките во експлозивен капитал и профит?

 

Создaвање на нација со висок претприемачки дух

пишува: Виктор Куновски
текстот е првпат објавен во Ноември 2011

 

Што е добро околу развојот на претприемништвото во Македонија?

Холандската невладина организација СПАРК (SPARK) во периодот од 2007 до 2010 на балканот отвори 5 Бизнис Старт-ап Центри (БСЦ). Денес тие функционираат самостојно во Крагуевац, Битола, Приштина, Бар и Тузла. СПАРК останува директно да го прддржува само инкубаторот во Приштина.
Клучната цел на овие центри е развој и раст на претприемништвото. Во нив се нуди  едукација и поддршка на претприемачите во почетната и најтешката фаза на отварањето на еден бизнис.

Имав вистинска привилегија и чест да бидам дел од едукативниот и развојниот процес во овие центри во кој што иновативността, креативността и позитивно фокусираната енергија создава нови вредности, нови работни места и многу нови бизниси (мали и средни претпријатија).

Ланската година го прашав господинот Небојша Човиќ, поранешниот директор на Бизнис Старт-ап Центарот (БСЦ) од Крагуевац “колку директни (не и индиректни) нови вработувања се креирани за период од 3 години како резултат на функционирањето на БСЦ во Крагуевац?”. Чович одговори 250.

Во Македонија покрај БСЦ Битола (оној отворен од СПАРК) функционира и инкубаророт во Скопје кој е отворен пред 4 години од страна на Норвешката компанија СИНТЕФ. Во него за 4 години има создадено над 200 директни работни места и неколку десетици нови мали бизниси.

Значи еден ваков БСЦ  за период од 3 до 4 години генерира околу 250 нови работни места, исто колку и фабриката на Џонсонс Контролс во Бунарџик.

Функционирањето на еден ваков центар во Македонија има годишна сметка од 100-150 000 Евра. Простата математика покажува дека три четири годишната инвестиција во само еден ваков центар од 3-450 000 Евра донесува 250 нови вработувања.
Директните и индиректните бенефити од постоењето на вакви центри (инкубатори) е ОГРОМНО. Во нив се јакне претприемачкиот дух кај претприемачите, се создава проактивен менталитет и култура на создавачи на работа за разлика од барачите на работа кои најчесто завршуваат во јавната администрација. Дополнително, се  намалува невработеността и се полни буџетот. Несмее да се заборави и на фактот дека ова се домашни вработувања и вложувања.

Ако за момент се задржиме на горната математика, се доаѓа до една констатација дека 10 вакви центри кои би функционирале во период од 3-4 години, со вкупна сметка од 3-4 милиони Евра, би создале армија на нови вработувања која достигнува до неверојатни 2500 лица.
Горната сума е лесно поднослив финансиски терет за Македонскиот буџет и претставува неверојатно исплатлива инвестиција.
Во контекст на инвестирањето, само да додадам дека истражувањата и искуствата потврдуваат дека инвестирањето во бизнис стартап центар е најисплатливата инвестиција која една држава или локална самоуправа може да ја направи.
Само за споредба на бројките мора да го истакнам и следното. До пред само неколку месеци во економската зона Бунарџик имаше околу 500 вработувања кои беа дел од Џонсон Контролс и Џонсон Мети. Благодарение на неодамнешниот бран на инвестициски одлуки, во државата наскоро ќе бидат отворени  нови 3000 вработувања. Значи од почетокот на кампањата инвест ин Македонија (период од 5 годинини) па до сега имаме повеќе или помалку исто онолку нови вработувања колку и кога би имале 10 нови претприемачки инкубатори.

Зарем ова не е доволно сериозно да се инвестира во развој на претприемништвото?

Но какове е моменталниот однос и стратегијата за развој на предприемништвото во Македонија?

За оние кои не се запознаени, овој домен спаѓа во надлежностите на министерството за економија, кое преку Агенцијата за поддршка на претприемништвото на РМ (АППРМ) се грижи за ова. Според програмата на агенцијата за 2014 година -ве молам прочитајте ја), во развој на претприемништвото во Македонија оваа година ќе се инвестираат  3.900.000,00 (три милиони и деветстотини илјади) денари, обезбедени од Буџетот на Република Македонија, или околу 63 500 Евра.  Моето искуство вели дека оваа инвестиција т.е. сума не само што е недоволна, таа едноставно речено е срамна, навредлива  и ни од далеку не го поддржува предприемничкиот капацитет во Македонија. Оваа бројка несмее да остане иста доколку се има сериозен и искрен пристап кон оваа тема.

Проблемот и предизвикот со кој што се соочува Македонија во доменот на невработеността, неможел, нема да може и едноставно е нерешлив само со привлекување на странски инвестиции во кои други ќе ни отворат работа.
Најодговорно, со најискрена намера и од се срце, на министерот за економија, премиерот и владата на Македонија им препорачувам да обрнат исто толку внимание, да посветат исто толку енергија и време и да најдат и усмерат исто толку пари за развој на ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО во Македонија колку и за привлекувањето на странски директни инвестиции.

Македонија има интелектуален, и финансиски потенцијал да го направи ова без никакво оптеретување.
Ако било кој ви каже дека државата нема пари за отварање на 10 НОВИ БИЗНИС ИНКУБАТОРИ  верувајте дека тоа е нешто што е најдалеку од реалността и вистината.

За крај ве повикувам ценети читатели да се запрашаме колку е економски оправдано и мудро да се пренасочат средствата од 2 идни споменика во насока на вистинскиот развој на домашното претприемништво и економија?


Темите во овој блог детално се истражувани и опишани во книгата Дијамантско Лидерство

Книгата може да ја добиете со КАРГО ЕКСПРЕС на било која адреса во Македонија по цена од 500 ДЕН.
Испратете текст на 070 991320 со порака “сакам копија од книгата” заедно со вашата адреса на живеење.
Книгата ќе ви биде доставена на рака.

Категории:Претприемништво